Во еден од претходните постови напишав дека вафлите ми се нова опсесија и дека ќе испробам да ги направам во неколку варијанти.
Вафлите се толку брзи и едноставни за правење, што ми станаа редовен утрински оброк кога не знам што да смислам за јадење, а да не ме задржува многу време во кујна.

И овие вафли, како и претходните што ги имам објавено, се од овесни снегулки, но сакав да испробам нутритивно да ги збогатам и да им додадам спанаќ.
Во рецептот користам замрзнат спанаќ, ама слободно можете да користите и свеж спанаќ изблендиран со вода.

Вафли од овесни снегулки
Количина: 6 мали квадратни вафли
Време за подготовка на состојките: 15 мин
Време за печење на вафлите: 10 мин
Вкупно време за подготовка: 25 мин
Се подготвуваат во блендер и во апарат за вафли
Состојки:
200 g крупни овесни снегулки
200 g спанаќ (или блитва)
4 јајца (или 3 јајца и 1 лажица чија семе изматено во 3 лажици вода)
1/2 чаша вода (може соино млеко)
4 големи лажици мелено ленено семе
1 голема лажица мед (може да се изостави за солена варијанта)
2 мали лажици прашок за печиво
За гарнирање: мед, џем, чоколаден крем...


Опис:
Во блендер се блендираат јајцата, водата и спанаќот.
Овесните снегулки се мелат додека да се добие брашно.
Се спојуваат сите состојки и заедно се блендираат.
Дел од смесата се разлева во апарат за вафли и се пече околу 5 минути.
Кога ќе се испечат вафлите, се вадат од апаратот и се оставаат да се подизладат. Истата постапка се повторува со остатокот од смесата.

Забелешки:
За солена варијанта доволно е само да се изостави медот и да се додаде сосема малку сол.
Може да се направи поголема количиниа од вафлите и да се замрзнат спакувани во ќесички. По потреба доволно е само да се притоплат на тостер и може да се конзумираат.

Comments