Прв совет што му го давам на секој што ќе ме праша како да почнам да правам промени во исхраната, секогаш одговарам: „Почни од тоа што ќе имаш редовни оброци.“ И нема најбитен оброк - најбитно е да се препознае чувството на глад, да не се прескокнуваат оброци за во текот на денот да не дојде до прејадување.
Од овие прични гледам секогаш да најадам некое брзо решение што ќе придонесе да се придржуваме кој тоа правило, почнувајќи уште од појадокот. Во еден од претходните постови ви предложив рецепт за инстант овесна мешавина, за која немаше потреба од печење, а оваа гранола од супер храна е некоја друга варијација на темата брз појадок.
Состојките за оваа гранола бргу се подготвуваат, подолго време се пече, меѓутоа добивате голема количина со која ви е обезбеден појадокот (или ужината) за неколку денови.
Гранола од супер храна
Количина: околу 700 g гранола
Време за подготовка на состојките: 10 минути
Време за печење: 1.5 час
Се подготвува во тавче за печење, длабок сад за мешање и блендер.
Состојки:
250 g крупни овеси снегулки
1⁄2 чаша мелени бадеми
1⁄2 чаша сечкани ореви
1⁄2 чаша сув кокос
3 големи лажици ленено семе
3 големи лажици чија семе
3 големи лажици сусам
Ванила
Цимет
150-200 g урми (откиснати во вода, потоа
да се зачува 60 мл од водата)
1 чаша суво грозје, брусници...
Опис:
Во голем сад се мешаат овесните снегулки, бадемите, оревите, кокосот, лененото, чија семето, сусамот, ванилата и циметот.
Урмите се блендираат со зачуваната вода за да се добие паста од урми, а потоа се мешаат во садот со останатите состојки. Мешањето трае подолго додека убаво ра се распореди пастата од урми со состојките од гранолата. На прва можеби ќе излгеда дека е потребно повеќе вода, но не смее да се додава повеќе вода за смесата при печењето да се суши, а не да се вари.
Сместа за гранолата е доста сува и како таква се распоредува на хартија за печење и се пече 1.5 час на 120°Ц со повремено мешање (на секои 30 минути).
Кога ќе се испече гранолата, се остава да се излади, па се меша со предложеното сувото овошје.
Се користи на тој начин што одредена количина се потопува во јогурт или во загреано млеко и се сервира со свежо или замрзнато овошје.
Забелешки:
Гранолата се чува во хартиена ќеса или во стаклен сад на ладно 6-8 недели.
Состојките може да се сменат или некои да се изостават.
Comments