На многу едноставен начин познатата грчка салата може да се збогати со неколку состојки и да се добие целосен оброк.
На моите профили на Инстаграм и на ТикТок голем хит беше видеото за грчка салата со наут, па сметам дека е време да составиме најнова варијанта.

Во овој рецепт покрај вообичаените состојки, домат, кромид, пиперка, маслинки, фета сирење и оригано, за поголема ситост додаваме макарони и пченка, а за протеини и за кремаста структура, целата салата ја комбинираме со грчки јогурт.
На крај се добива убава освежителна салата што одлично ќе се вклопи во овој период на високи температури.

Кремаста грчка паста салата
Количина: 2 порции
Време за подготовка: 15 минути
потребно е тенџере за варење на макароните и подлабок сад за салатата

Состојки:
100 g макарони
Домат, краставица, кромид, пиперка, насечкани
8 маслинки, насечкани
100 g фета сирење, на коцки
1 лименка (250 g) пченка
2 канчиња обезмастен грчки јогурт
Магдонос, сушено оригано
1 лажица маслиново масло
Сол и црн пипер

Опис:
Пастата се вари и се остава да се излади.
Сите состојки се мешаат во подлабок сад.
Ако дозволува времето, најдобро е салатата да отстои во фрижидер околу 1 час.
Се сервира со малку масло и со магдонос.

Comments