top of page

Палачинки од наут

Слично како што леќата и преповторувањето на истите рецепти ме натера да пребарам и да прилагодам поразлични рецепти за почесто да ми биде вклучена во менито, слично е и со наутот - освен како хумус, во чорба или во салата, како уште да се употреби?


А кога добро ќе размислам, наутот може многу добро да се вклопи во различни варијанти, и солени и благи, а брашното од наут да се искористи за мафини, проја, но и за палачинки.

Палачинки од наут - одличен извор на растителни протеини
Палачинки од наут - одличен извор на растителни протеини

Брашното од наут кај нас пред се може да се најде во продавници за здрава храна, но немојте да се откажувате во потрагата, затоа што нуди специфичен вкус и многу лесно може да придонесе за зголемување на процентот на растителни протеини во исхраната.


Во последно време голем број студии покажуваат доста придобивки од храната што содржи растителни протеини, а за една таква студија пишував овде. Повеќе за растителните протеини прочитајте овде.

Состојките за палачинките во блендер
Состојките за палачинките во блендер
 

Палачинки од наут


Количина: 4-5 мали палачинки (2 големи)

Време за подготовка на состојките: 5-10 мин

Време за пржење: 25-30 мин

Вкупно време за подготовка: 40 минути


Се подготвуваат во еден длабок сад (или во блендер) и во нелепливо тавче за пржење.



Состојки:


1 голема лажица таан

240 ml (1 чаша) растително млеко (по можност бадемово или соино)

½ чаша брашно од наут

2 големи лажици мелено чија семе

1/2 мала лажица морска сол

Лук во прав

Црвен пипер


Додатоци за гарнирање: спанаќ, маслинки, домати, кромид, некој намаз, пиперка, динстани печурки

Палачинките додека се пржат
Палачинките додека се пржат

Опис:


  1. Во сад убаво се меша таанот со неколку лажици од млекото, па се меша со останатите состојки. Или едноставно сите состојки кратко се блендираат за да се добие компактна смеса.

  2. На загреано нелепливо тавче за палачинки се полева 1/3 до ½ чаша од мешавината и со кутлачата со која се полева убаво се распоредува низ целата површина. Тавчето може да се премачка и со малку масло.

  3. Палачинките се пржат по 3-4 минути од двете страни, односно додека површината да се потсуши, а долната страна да е златесто кафеава со по некое дупче.

  4. Се сервираат со спанаќ, маслинки, домати, кромид, некој намаз, пиперка, динстани печурки или со додаток по избор.

Палачинка од наут сервирана со зелка и таан
Палачинка од наут сервирана со зелка и таан

Забелешки:

  • Ако почне смесата да се згуснува, може да се разреди со уште некоја лажица растително млеко.

Comments


Commenting has been turned off.
bottom of page