Фалафелот, според Википедија, е арапски специјалитет раширен низ цел Среден Исток. Се прави од наут и се се пржи во длабоко масло и во таква форма е екстра вкусен.
Последниве години откако почна се почесто да се користи наутот во исхраната, фалафелите станаа популарни и кај нас.

Овој рецепт е трансформација на традиционалниот рецепт со цел да се избегне пржење во длабоко масло. Содржи многу малку масти, затоа препорачливо е да се искомбинира со прелив од таан или павлака од индиски ореви.
Откако почнав да се интересирам за различните типови храна и врз себе почнав да експериментирам со вкусови (и диети), печениот фалафел е еден од најстарите и најчестите рецепти што сум ги правел. Дури едно време и го продавав преку една продавница за здрава храна!

Печен фалафел со спанаќ
Количина: 15 фалафели
Време за подготовка: 45 минути
потребни се мултипрактик, поголем сад за мешање и тава за печење
Состојки:
500 g варен наут
100 g спанаќ
1 главица кромид
Лук
Магдонос
Сок од половина лимон
Зачини: кумин, сув коријандер, буковец, сол и црн пипер
50 g овесни снегулки
Сусам

Опис:
Во мултипрактик се мелат сите состојки, освен овесните снегулки. Најдобро е да се меле со опцијата pulse за да не се добие каша како за хумус, туку смесата да има некаква структура.
Сомелената смеса се префрла во сад и се додаваат овесните снегулки и се убаво се соединува.
Се формираат околу 15 фалафели (зависи од големината), се поросуваат со сусам и се печат на 200 степени, околу 20 минути.
Се вадат од рерна, се оставаат да отстојат околу 5 минути и се превртуваат. Може да се потпечат уште 5 минути од другата страна, или да се остават 5-10 минути превртени во исклучена рерна.
Може да се искомбинираат во тортиља, со салата, со супа или со некој прелив за фалафел.


Comments