Најубавите рецепти се создаваат сосема случајно и со добро расположение. Таков е случајот и со оваа торта.
Создадена е на денот на дочекот на Нова Година, кога дома сме најопуштени, а веројатно и најкреативни за нови вкусови во кујна.
Мојата сопруга рецептите обично ги почнува со купување на состојките од кои би сакала да се состои рецептот, без некој претходен конкретен план или рецепт.
Потоа, додава, одзема, испробува неколку пати (да, има многу дегустација) и на крај ја добива финалната варијанта. Не знам дали спомнав, дека сите рецепти и се брзи и најчесто без печење?
Торта од два вида путери
Количина: 16 парчиња торта
Време за подготовка: 60 минути
Потребен е појак блендер или процесор за храна, длабок сад за мешање на состојките, калап за торта
*од тортата излегува голема доза, така што состојките може да се преполоват
Состојки:
ПРВ СЛОЈ
500 g путер од ореви (или ореви)
250 g овесни снегулки сомлени во брашно
3-4 лажици мед
3 лажици какао
растително млеко по потреба
ванила екстракт
прстофат сол
ВТОР СЛОЈ
500 g лешници (или путер од лешници)
2 табли обланда
2.5-3 лажици мед
ванила екстракт
прстофат сол
За украсување: какао, суво овошје, обланда...
Опис:
Ако се користат домашни путери, за да се направат, треба да се потпечат оревите и лешниците на 180 степени, 10 минути и да се почека да се изладат. Лешниците се лупат (оревите нема потреба) и одделно се мелат во јак блендер или во процесор за храна. Во недостаток на јак блендер, може да се користат готови путери од маркет. Путерите може да се направат ден претходно и да се чуваат во фрижидер. Кога ќе се составува тортата треба да се извадат да отстојат на собна температура.
За првиот слој, се мешаат убаво сите состојки во сад со постепено додавање на млекото за да се регулира влажноста на смесата. Со отстојување смесата станува посува затоа што овесното брашно ја впива сета влага. Првиот слој се распоредува во калап за торта.
За вториот слој, се кршат обландите ситно и се мешаат со останатите состојки. Потоа смесата се распоредува врз првиот слој.
На крај низ цедалка се поросува какао и тортата се украсува со суво овошје или со обланди. Ние направивме елка, затоа што ја правевме за Нова Година.
Тортата се остава да се излади и највкусна е за јадење следниот ден, откако ќе се измешаат вкусовите.
Comments