Тофуто, како соин производ, е одличен извор на растителни протеини и вистинска штета е што многу малку е достапно на нашиот пазар.
Тофуто најчесто се смета за храна без вкус поради што многумина не се обидуваат ни да го пробаат!

А ми се чини дека баш неутралниот вкус го прави тофуто доста прилагодливо за секаков тип јадена, и слатки и солени. Ги прима сите вкусови и придонесува за структурата на јадењето во кое е додадено.
Една од најпопуларните варијации на тема тофу што ќе ја најдете на интернет е кајгана од тофу која може да се направи на најразличен начин. Со оваа кајгана се надевам дека ќе ви го сменам ставот за вкусот на тофуто.

Тофу кајгана со печурки
Количина: 2 порции
Време за подготовка на состојките: 5 мин
Време за пржење: 15 мин
Вкупно време за подготовка: 15 мин
Се подготвува во тава за пржење.
Состојки:
200 g тофу
200 g печурки, исечкани на поголеми парчиња
1 главица кромид, исечкан
1 голема лажица маслиново масло
Лук во прав
1/2 мала лажица куркума
Црвен пипер
Морска сол или кала намак (црна сол)

Опис:
На масло кратко (5 минути) се пропржуваат кромидот и печурките.
На страна тофуто се пасира со вилушка и се додава кај кромидот и печурките и се пржи 10 минути со постојано мешање.
Додека трае пржењето се додаваат зачините, а ако се користи кала намак се додава сосема на крај за да не се изгуби вкусот од топлината.
Се гарнира со црвен пипер.

Забелешки:
*Место печурки, во тофу кајганата може да се додаде некој селенчук, како на пример праз или пиперки.
**Може да се сервира со парче леб и пинџур или да се додаде во зелена салата.
Comments