top of page

Ќофтиња со спанаќ и мисиркино месо

Како родител кој постојано мора да смислува оброци за цело семејство, морам да наоѓам нешто интересно за да го обновам менито.


Така, место класични ќофтиња, зошто да не испробаме ќофтиња што ќе содржат спанаќ и сирење?

Ќофтињата сервирани со ориз
Ќофтињата сервирани со ориз

Искрено, до сега сум имал неколку неуспешни обиди за правење ќофтиња и потоа не сум се ни обидувал, ама со овие решив пак да се испробам и целата постапка ми е како почетник.


Можеби на искусните опсиот на постапката ќе им биде премногу детален и ќе сфатат дека се работи за доста едноставен рецепт, ама на останатите ќе им биде од помош за успешно да ги состават овие ќофтиња.


Ќофтињата одлично одат со чаша вино
Ќофтињата одлично одат со чаша вино

 

Ќофтиња со спанаќ и мисиркино месо


Количина: околу 25 ќофтиња

Време за подготовка: 20 минути


потребно е поголемо тавче за пржење (слично на вог тава)



Состојки:

1 чаша замрзнат спанаќ

500 g мелено мисиркино месо

½ чаша сирење (или урда)


ЗАЧИНИ: лук во прав, оригано, сол и црн пипер


Варен ориз

Сок од лимон

Маслиново масло

Магдонос

Мента


Се комбинира со салата по желба

Ќофтињата со спанаќ сервирани со ориз со мента и сок од лимон
Ќофтињата со спанаќ сервирани со ориз со мента и сок од лимон

Опис:

  1. Прво, се остава спанаќот да се одмрзне и потоа убаво се истиснува вишокот течност. Ова може да се направи и на цитна цедалка.

  2. Спанаќот се замесува со меленото мисиркино, сирењето и зачините и се формираат кофтиња.

  3. Во нелепливо тавче на малку масло и на не многу висока темепратура се пржат ќофтињата додека да покафенат на сите страни (околу 20 мин). Во текот на пржењето, ќофтињата треба постојано да се превртуваат, а може да се затворат и со капак за да кружи топлиот воздух околу нив и да не горат. Ако оваа постапка ви е комплицирана, можете да ги печете во рерна на 200 степени, околу 15 мин.

  4. Во меѓувреме се загреваат 2 чаши вода и кога ќе почнат да вријат, се додава чаша ориз убаво измиен во цедалка. Се намалува температурата и се вари оризот 10 мин. Потоа се исклучува ринглата и се остава на топло оризот со поклопен капак да го впие вишокот течност. На крај се додаваат сокот од лимон, маслото, ментата, солта и црниот пипер.

  5. Ќофтињата се сервираат со оризот и со салата по избор.

  6. Ќофтињата може да се чуваат до 3 дена на ладно и да се подгреат пред консумирање.







Comments


Следете ме

  • Facebook
  • Instagram
  • Twitter
  • YouTube
  • Pinterest
bottom of page