top of page

Брауни со црвен грав

Уште веднаш да да кажам - главната состојка нека не ве одвраќа од идејата да го направите овој вкусен десерт... затоа што навистина е вкусен! А ако не знаете што има во составот, нема да можете ни да препознаете! Црвениот грав има делумно неутрален вкус, односно вкус кој со мала нијанса асоцира на костени, поради што е идеален за слатки рецепти. Поради комбинацијата од грав и овесни снегулки, ова брауни има леплива текстура (не е како благо лепче), а тоа е главната разлика меѓу брауни и обичен пандишпан за торта. Тие што редовно ме следат на социјалните медиуми знаат дека мешунките (сите видови грав, леќа, наут) ги сметам за супер храна и гледам да ги сместам во секоја можна комбинација. Воедно им ги препорачувам на сите чиј дигестивен систем може да ги поднесе, редовно да ги имаат во своето мени, па дури и како дел од десерт. Брауни од црвен грав Количина: 9-12 коцки брауни Време за подготовка на состојките: 5-10 мин Време за печење: 15-20 минути (дополнително уште 10 минути за ладење) Вкупно време за подготовка: 25-30 мин (без времето за ладење) Се подготвува во мултипрактик и во тавче (20х20 cm) Состојки: 250 g црвен бубрежест грав (или грав од една лименка, без течноста) 2 големи лажици какао (10g) 40 g (1/2 чаша) ситни овесни снегулки* Прстофат сол 1/3 чаша мед 1/4 чаша кокосово масло** 2 мали лажици ванила екстракт 1/2 мала лажица прашок за печиво 80 g чоколадни капки или искршено црно чоколадо (по избор, меѓутоа чоколадото дава посебно добар вкус) Опис: Сите состојки (освен чоколадните капки) се мелат во мултипрактик додека да се добие сосема мазна смеса (да не останат парчиња). Во смесата се мешаат чоколадните капки и се се излева во тавче (20x20 cm). Ако сакате, може да посипете низ површината уште малку чоколадни капки за подобра презентација. Колачот се пече во загреана рерна на 180 степени, 15-18 минути, а потоа се вади од рерна и се остава да се излади уште 10 минути пред да се исече на коцки. Може да се случи колачот уште да биде како недопечен, но доволно е да го оставите на ладно неколку часови (преку ноќ) и ќе ја добие потребната цврста структура. Забелешки: *Ако немате при рака ситни овесни снегулки, претпоставувам дека браунито би излегло добро и со крупни овесни снегулки, а можеби може да се заменат и со интегрално брашно или со нешто друго. Јас ја правам оваа варијанта и другите не сум ги испробал, но експериментирајте и видете што најмногу ќе ви се допадне. **Кокосовото масло може да се замени со маслиново масло, па дури и со путер од кикирики, пак ќе се добие убава текстура.

Брауни со црвен грав
bottom of page