top of page

Бургери од грав цацар

При едно пазарење, кога барав да купам грав што не е увозен, пазарџиите од кои редовно купувам ми рекоа дека ситниот цацар грав скоро секогаш е домашен, за разлика од другите видови. Овој вид грав најрано го има на пазарот, уште кон крајот на месец август, па може лесно да се вклучи во исхраната. Бргу се вари, посебно ако претходно е откиснат, а откако ќе се свари, добива убава кремаста структура, што е одлично за чорби, за намази, за блендирање – и за правење бургери. Бургери од цацар Количина: 8 парчиња Време за подготовка на состојките: 15-20 мин Време за пржење на бургерите: 20 мин Вкупно време за подготовка: 40 мин (без времето за варење на гравот) Се подготвуваат во мултипрактик, голем сад за мешање на состојките и нелеплива тава за пржење Целосниот рецепт во PDF форма Состојки: 500 g варен грав цацар 50 g овесни снегулки 50 g ореви 1 главица кромид (ситно исечкан) 200 g печурки шампињони (сомелени во мултипрактик или ситно исечкани) 2 големи лажици соја сос 1/2 или 1 мала лажица буковец или чили 1/2 мала лажица димен црвен пипер 1 1/2 до 2 мали лажици сушено оригано Сол и црн пипер Малку маслиново или рафинирано кокосово масло за подмачкување на тавата за пржење Опис: Во поголем сад се пасираат зрната грав, а одделно во мултипрактик се мелат овесните снегулки и оревите. Иситнетите овесни снегулки и ореви се додаваат во садот кај пасираниот грав. Исечканиот кромид и иситнетите печурки се пропржуваат во нелеплива тава со малку масло додека да испари течноста од печурките, а потоа се додаваат кај мешавината од грав, овесни снегулки и ореви. Се додаваат зачините и се убаво се меша додека да се добие компактна смеса. Се оформуваат околу 8 бургери и се пржат на малку намаслена нелеплива тава, по 2-3 минути од едната, а потоа од другата страна. Може и да се печат во рерна на 220°С, 15 минути од едната и уште 5 минути од другата страна. Забелешки: Најдобро е откако ќе се испржат (или ќе се испечат), ако има време, бургерите да се остават да се подизладат околу 15 минути за да добијат поцврста структура. Може да се искомбинираат со печени компири, свежа салата и со паштета од модар патлиџан. Спакувани во стаклен сад може и да се чуваат во фрижидер до 3 дена.

Бургери од грав цацар
bottom of page