top of page

Бурито со црвен грав и туна

Рецептов излезе сосема случајно за едно гостување на телевизија. Немав идеја што да подготвувам и почнав да чепкам по рецепти за да добијам инспирација. Прво си реков: ај ќе правам нешто со туна. Убаво би било да биде нешто и со мајонез од индиски ореви. Уште поубаво ако тоа го завиткам во тортиља. А да додадам и грав во целата комбинација? По долго размислување, од 10-ина рецепти конечно склопив еден. И нормално, прво го испробав дома за да видам дали смислената комбинација функционира. Се изненадив од комплетниот вкус на буритото и сфатив дека тоа ќе стане новиот хит оброк кај мене дома. Најбитно - се подготвува многу бргу! Бурито од црвен грав и туна Количина: 6 бурита Време за подготовка: 15 минути (без времето за киснење на индиските ореви) Се подготвува во длабок сад за мешање и блендер. Состојки за буритото: 2 конзерви туна (процедена од течноста) 400 g варен црвен грав (од конзерва,процеден од течноста) 1 доза мајонез од индиски ореви 1 мала главица црвен кромид 1 гранче целер Сол и црн бибер Листови марула Авокадо (по желба) 6 тортиљи За мајонезот од индиски ореви : 100 g индиски ореви (откиснати во вода) 60 ml маслиново масло Сок од 1 лимон 1 мала лажица мед Сол и црн бибер 2 чешниња лук Опис: ЗА МАЈОНЕЗОТ ОД ИНДИСКИ ОРЕВИ: индиските ореви се откиснуваат во жешка вода, околу половина час. Се додаваат останатите состојки за мајонезот и се блендираат додека да се добие мазна смеса. ПОЛНЕЊЕ ЗА БУРИТОТО: во сад се мешаат гравот, туната, кромидот, целерот, мајонезот од индиски ореви и ако се додаваат сол и црн бибер по вкус. СОСТАВУВАЊЕ НА БУРИТОТО: тортиља прво кратко се потпекува, а потоа, прво се редат: 2 листа марула 2 полни лажици од полнењето со туна и грав парчиња авокадо Буритото прво се преклопува од страните, а потоа се витка во ролна.

Бурито со црвен грав и туна
bottom of page