top of page

Вафли од овесни снегулки и спанаќ

Во еден од претходните постови напишав дека вафлите ми се нова опсесија и дека ќе испробам да ги направам во неколку варијанти. Вафлите се толку брзи и едноставни за правење, што ми станаа редовен утрински оброк кога не знам што да смислам за јадење, а да не ме задржува многу време во кујна. И овие вафли, како и претходните што ги имам објавено, се од овесни снегулки, но сакав да испробам нутритивно да ги збогатам и да им додадам спанаќ. Во рецептот користам замрзнат спанаќ, ама слободно можете да користите и свеж спанаќ изблендиран со вода. Вафли од овесни снегулки Количина: 6 мали квадратни вафли Време за подготовка на состојките: 15 мин Време за печење на вафлите: 10 мин Вкупно време за подготовка: 25 мин Се подготвуваат во блендер и во апарат за вафли Состојки: 200 g крупни овесни снегулки 200 g спанаќ (или блитва) 4 јајца (или 3 јајца и 1 лажица чија семе изматено во 3 лажици вода) 1/2 чаша вода (може соино млеко) 4 големи лажици мелено ленено семе 1 голема лажица мед (може да се изостави за солена варијанта) 2 мали лажици прашок за печиво За гарнирање: мед, џем, чоколаден крем... Опис: Во блендер се блендираат јајцата, водата и спанаќот. Овесните снегулки се мелат додека да се добие брашно. Се спојуваат сите состојки и заедно се блендираат. Дел од смесата се разлева во апарат за вафли и се пече околу 5 минути. Кога ќе се испечат вафлите, се вадат од апаратот и се оставаат да се подизладат. Истата постапка се повторува со остатокот од смесата. Забелешки: За солена варијанта доволно е само да се изостави медот и да се додаде сосема малку сол. Може да се направи поголема количиниа од вафлите и да се замрзнат спакувани во ќесички. По потреба доволно е само да се притоплат на тостер и може да се конзумираат.

Вафли од овесни снегулки и спанаќ
bottom of page