top of page

Инстант овесна мешавина

Еден период собирав многу рецепти. Се што ќе најдев интересно, го складирав по фолдери. И пак кога сакав нешто да зготвам, по фолдерите не можев да најдам рецепт што ми се допаѓа, па пак барав нови. Така некако дојдов и до овој рецепт. Пребарував идеи за појадок, ама условот беше да се состави нешто во поголема количина и ми се наоѓа при рака за итна употреба. Налетав на видео на Џејми Оливер и си реков - ова е тоа! Најдоброто кај оваа овесна мешавина е што излегува голема количина и спакувана во хартиена кеса и на ладно може да се чува доста долг период. Во моменти кога немате идеја што за појадок/ужина/вечера (што и да е), мешавината веќе е подготвена, само треба на брзина да се свари или да се покисне со млеко или јогурт, да се додаде овошје (или не мора да се додава ништо) и толку. Инстант овесна мешавина Време за подготовка на состојките: 15 минути Време за варење на кашата: 5-10 минути Се подготвува во мултипрактик Состојки: 1 kg крупни овесни снегулки 350 g комбинација од семки и јатки (пр.лешници, бадеми, сончоглед, сусам...) 250 g суво овошје (урми, суво грозје, брусница...) 1 голема лажица инстант кафе 3 големи лажици какао Опис: Јатките/семките се тостираат во загреана рерна на 190 степени, 10-15 минути, па се оставаат да се изладат. Сите состојки се мелат во мултипрактик. Ваквата мешавина се чува во хартиена ќеса или во стаклен сад, на ладно, до 1 месец. Начин на користење : 1 чаша од мешавината се вари со 2 ч вода. Откако ќе ја впие водата, се додава 1 чаша некаков вид млеко (соино, кравјо, козјо) и се вари до посакуваната густина. Се сервира со овошје, кокос, рендано чоколадо или со грчки јогурт или соја јогурт (сето тоа по вкус)

Инстант овесна мешавина
bottom of page