top of page

Мафини со цимет и јаболко

Колку и да сте љубители на овесни снегулки за појадок, еднаш ќе ви досадат ако не смислувате разни варијатни како да ги искомбинирате. Затоа, како добра варијација доаѓаат во форма на мафини со интересни додатоци. Ваквите мафини се одлични не само за појадок, туку и за ужина, но и како десерт со кафе. Имаат ровка текстура и не се премногу благи, а парчињата јаболко доаѓаат како убаво изненадување во внатрешноста. Како и секогаш, ако некој рецепт го препорачувам како оброк, тогаш значи внимавам тој оброк да ги содржи сите потребни макронутриенти: протеини, јаглехидрати и масти. Овие мафини во поголем процент содржат јаглехидрати, па затоа под рецептот имам предлози како да се искомбинираат за ако се користат како оброк да се зголеми содржината на протеини и на масти. Мафини со цимет и јаболко Количина: 12 мафини Време за подготовка на состојките: 15 мин Време за печење на мафините: 20-25 мин Се подготвуваат во подлабок сад и во калап за мафини Состојки: 200 g крупни овесни снегулки 1 мала лажица прашок за печиво Прстофат сол 1/2 лажичка цимет 1 чаша (250 mL) соино млеко 1 јајце 1 пасирана банана 1 големо јаболко, исечкано на коцки Додатоци по желба: ореви, суво грозје, пачиња чоколадо За гарнирање: мед/јаворов сируп/сируп од урми, путер од кикирики, крем од: таан, какао и мед (по желба) Опис: Во голем сад се мешаат овесните снегулки, прашокот за печиво, солта и циметот. Се додаваат млекото, јајцата и испасираната банана и се се меша. Се додава и јаболкото (и избраните додатоци). Ваквата смеса може да се остави преку ноќ во фрижидер и изутрина да се пече или може веднаш да се пече. Смесата се дели во калап за мафини и се пече на 180 степени, 20-25 минути. Се сервираат со некои од предложените гарнири. Забелешки: Јаболкото може да се замени со круша, праска или со некое друго сезонско овошје. Испечените мафини може да се чуваат и до една недела во убаво затворен сад фрижидер или да се замрзнат.

Мафини со цимет и јаболко
bottom of page