top of page

Најнова студија: метаболизмот во поголем дел од животот не се менува

Главна тема во последно време е најнова студија објавена на 13 август 2021 година во магазинот Science, а се однесува на влијанието на возраста врз промените во метаболизмот. До сега се веруваше дека со годините се забавува и метаболизмот. Најчесто цитиран став е дека по 35 години со секоја одмината година метаболизмот се забавува за неколку проценти. Познато е и тврдењето дека на жените во менопауза обично им се зголемува телесната тежина поради забавување на метаболизмот поради загубата на естроген. Всушност, ваквата хипотеза никогаш до сега не била докажана. Што открива новата студија на оваа тема? Како е составена студијата? Студијата го проучувала влијанието на годините, телесната композиција и полот врз потрошувачката на енергија во текот на животниот век. Студијата е доста релевантна со оглед на тоа што во неа учествувале 80 научници чии проучувања опфатиле примерок од 6421 субјекти во 29 земји на возраст од 8 дена до 95 години. Што открива студијата? Според студијата, во животниот век постојат четири точки кога се појавуваат промени во метаболизмот. Според студијата, базалниот метаболизам (калориите што ги согоруваме само за одржување во живот - дишење, срцебиење, работа на мозокот…) е највисок во првите години , а потоа се стабилизира до возраст од околу 60 години, од кога почнува бавно да опаѓа. Фаза 1 : Раѓање до 1 година . Бебето кога се раѓа во првиот месец има сличен метаболизам како и мајката. Од тој момент неогвиот метаболизам се забрзува, односно троши повеќе енергија, веројатно под влијание на растењето. Фаза 2 : Од 1 го 20 години . За време на оваа фаза метаболизмот продолжува да се забрзува пропорционално со процентот на безмасна маса што ја има лицето. Според ова, машките деца најчесто имаат побрз метаболизам. Фаза 3 : Од 20 до 60 години . За повеќето, метаболизмот во овие 40 години не се менува. Стабилен метаболизам се забележува дури и кај трудниците и подоцна по породувањето. Фаза 4 : Над 60 години . Истражувачите од студијата сметаат дека ова е возраста кога метаболизмот почнува да опаѓа за околу 0.7% годишно. Пресметано, ова значи дека на возраст од 90 години метаболизмот е за околу 26% побавен отколку во средните години. Точно е дека сите имаме различен метаболизам кој зависи од мускулатурата и големината на телото, но во оваа студија не е се проучувани индивидуалните разлики во метаболизмот кај поединците, туку вниманието е насочено кон промените во текот на животниот век на сите испитаници. Точно е и тоа дека во студијата околу 25% од испитаниците биле исклучок, сепак заклучено е дека повеќето ги доживуваме истите промени во метаболизмот во истиот период од животот, дури и без некои поголеми разлики во однос на полот . Заклучокот од третата фаза всушност е спротивен на сите досегашни тврдења. Најголема новост е дека кај жените во менопауза останува истото ниво на метаболизам без разлика на промените на хормоналните нивоа. Ако причината не е забавениот метаболизам, тогаш зошто како одиме кон средовечниот период ни се зголемува телесната тежина? Веројанто поради комбинацијата премногу храна + се поседечки начин на живот . На помлади години обично сме дел од секојдневие исполнето со многу обврски - работа, деца, домашни обврски. Како поминува времето, обврските ни се намалуваат, а со тоа се намалува и физичката активност. Зошто метаболизмот опаѓа по 60 години? Во студијата се вели дека мозокот и црниот дроб се двата ограни задолжени за 65% од нашта потрошувачка на енергија. Истражувачите претпоставуваат дека од 60 години тие органи имаат помала енергетска потреба, што доведува до забавување на метаболизмот. Но ова не значи дека по секоја цена постарите лица по 60 години автоматски и ќе покачат тежина. Многумина во овој период согоруваат помалку калории и поради тоа имаат помала потреба за обилна исхрана. За крај… Заклучокот од оваа студија е дека по 35-от роденден кај повеќето не опаѓа метаболизмот, а тоа не се случува и при влегувањето во менопауза. Забавувањето се случува дури по 60-та година и тоа со некој минимален процент. Нашиот организам е доста сложена машина поради што не треба да се верува на никој кој тврди дека може да ни го среди метаболизмот со некакви магични диети. Истражувачите дури сега почнуваат со истражувањето во оваа област !

Најнова студија: метаболизмот во поголем дел од животот не се менува
bottom of page