top of page

Печен фалафел со спанаќ

Фалафелот, според Википедија, е арапски специјалитет раширен низ цел Среден Исток. Се прави од наут и се се пржи во длабоко масло и во таква форма е екстра вкусен. Последниве години откако почна се почесто да се користи наутот во исхраната, фалафелите станаа популарни и кај нас. Овој рецепт е трансформација на традиционалниот рецепт со цел да се избегне пржење во длабоко масло. Содржи многу малку масти, затоа препорачливо е да се искомбинира со прелив од таан или павлака од индиски ореви. Откако почнав да се интересирам за различните типови храна и врз себе почнав да експериментирам со вкусови (и диети), печениот фалафел е еден од најстарите и најчестите рецепти што сум ги правел. Дури едно време и го продавав преку една продавница за здрава храна! Печен фалафел со спанаќ Количина: 15 фалафели Време за подготовка: 45 минути потребни се мултипрактик, поголем сад за мешање и тава за печење Состојки: 500 g варен наут 100 g спанаќ 1 главица кромид Лук Магдонос Сок од половина лимон Зачини: кумин, сув коријандер, буковец, сол и црн пипер 50 g овесни снегулки Сусам Опис: Во мултипрактик се мелат сите состојки, освен овесните снегулки. Најдобро е да се меле со опцијата pulse за да не се добие каша како за хумус, туку смесата да има некаква структура. Сомелената смеса се префрла во сад и се додаваат овесните снегулки и се убаво се соединува. Се формираат околу 15 фалафели (зависи од големината), се поросуваат со сусам и се печат на 200 степени, околу 20 минути. Се вадат од рерна, се оставаат да отстојат околу 5 минути и се превртуваат. Може да се потпечат уште 5 минути од другата страна, или да се остават 5-10 минути превртени во исклучена рерна. Може да се искомбинираат во тортиља, со салата, со супа или со некој прелив за фалафел.

Печен фалафел со спанаќ
bottom of page