top of page

Пица од брзо тесто

Како голем љубител на пица, покрај што купувам пица, задолжително мора да имам и моја домашна варијанта. Од мајка ми си имам запишано едно универзално тесто од кое најчесто правам нешто меѓу фокача и пица (ама дома си ја викаме пица). Најлесно е да се направи со обичен квасец и се кисне многу кратко (затоа и се вика брзо тесто), ама јас често ја правам и со мој квасец (кисело тесто, маја) и во тој случај потребно е подолго киснење, а инаку постапката е доста едноставна. Пица од брзо тесто Количина: околу 12 парчиња Време за подготовка: 70-80 минути Се подготвува во подлабок сад за мешање и во тавче за печење Состојки: 3 чаши интегрално пченично брашно (може мешавина со бело брашно или 'ржано, спелтино) 2 чаши вода (или по потреба) 1/2 коцка свеж квасец (или 200 g кисело тесто) 2-3 лажици маслиново масло Малку шеќер и сол За гарнирање: I варијанта: кечап, домати, кромид, пиперки, маслинки, печурки, оригано, кашкавал (или сирење) II варијанта: неколку главици кромид и печурки, издинстани со малку масло и свеж рузмарин + рендан кашкавал Може да се додаде јајце или во некоја варијантите да се додаде кулен или пршута. Опис: Квасецот се активира со дел од водата, малку брашно и шеќерот. Потоа се мешаат сите состојки за тестото. Треба да се добие структура погуста од тесто за палачинки. Поради тоа, ако не се доволни 2 чаши вода, може да се додаде уште малку. Тестото се истура во тавче обложено со хартија или премачкано со масло, се покрива и се остава да кисне околу 30 минути. За тоа време, рерната се клучува да се загрева на 250 степени. Пред крај на киснењето, врз тестото се редат избраните состојки, без кашкавалот и пицата се става во рерна. Се пече 15 минути на 250 степени, а потоа температурата веднаш се намалува на 200 степени и се пече уште 15 минути. Се вади пицата од рерна, се реди изренданиот кашкавал и се враќа во рерна да се потпече уште 5 минути. Се остава да се подизлади, а потоа се сече на парчиња. Варијантата со кисело тесто се разликува во следното : Место квасец додавам 200 g маја (кисело тесто) и потоа ги мешан состојките за тестото. Во овој случај тестото треба да кисне од 3 до 8 часови, зависи од топлината во кујната. Кај мене во лето доволно е киснење од 2-3 часа, а во зима околу 6 часови. Откако ќе откисне тестото, процедурата понатаму е иста како со првиот начин на подготовка.

Пица од брзо тесто
bottom of page