top of page

Подуеноста не е здебелување

Во денешно време под влијание на социјалните медиуми чувството на подуеност се изедначува со покачувањето килограми, поради што често ја слушаме реченицата „ се чувствувам подуено “ со значење „ се здебелив “. А подуеноста на стомакот (ако не е предизвиканa од некаква сериозна здравствена причина) е сосема нормална појава по внесување храна во организмот . Дури и во случаи кога некој очигледно е подуен по оброк од проблеми со дигестија (често со стомак со изглед како во тек на бременост) или поради констипација, ваквата појава ја толкува со зборовите „ставив сало/се здебелив“. Најчесто ваквото гледање на работите се јавува кај лица со нарушувања во исхраната, посебно оние кои имаат навика неконтролирано да се прејадуваат. Кај овие лица абдоминалните мускули (стомачните мускули) рефлексно целосно се опуштаат по внес на каква било храна затоа што мускулите од ѕидот на абдоменот се навикнати дека кога се почнува со јадење ќе се внесе големо количество храна и мораат да се опуштат. Во таков случај, дури и да се напиете мала количина вода, мускулите инстинктивно се опуштаат и добиваат заоблен изглед. Ваквата ситуација лицата кои се опседнати со изгледот на телото ги асоцира дека се здебелиле и дека дополнително треба да внимаваат на исхраната, односно да се препуштат на уште порестриктивна диета. Ваквата појава е голем проблем исто како појавата на телесната дисморфија. Луѓето што страдаат од телесна дисморфија не се гледаат објективно во огледало како што ги гледаат другите, односно постојано сметаат дека нешто не е во ред со нивниот изглед. Овие луѓе забележуваат дека наутро, по минимум 8 часови нејадење и испразнети црева, нивниот стомак изгледа рамно. Кога ќе почнат да јадат, се јавува минимална подуеност затоа што внесле храна во огранизмот, што во нивните очи е голема подуеност или се толкува како здебелување . Лицата со телесна дисморфија знаат да постават фотографии „пред и потоа“ на Инстаграм на кои не ни може да се забележи разликата пред и по конзумирање оброк, но нивните очи забележуваат голема подуеност. Во ваквиот случај не станува збор за вистинска подуеност, туку за проблем со телесна дисморфија. Реалноста е дека не можеме да очекуваме телото воопшти да не се смени кога ќе внесеме храна. Ова не е сало нити здебелување по некаква храна или оброк, туку значи дека храната патува низ дигестивниот тракт. Мускулите од ѕидовите на абдоменот секогаш се опуштени како одговор на изеден оброк или пред потреба за празнење. Во вакви случаи битно е да се разбере што е здебелување , дали се работи за вистинска подуеност поради дигестивни проблеми или се работи за телесна дисморфија , односно погрешно толкување на нешто што е нормално, а не патолошки. Кај луѓето што имаат проблем со неконтролирано прејадување, односно имаат абнормални рефлекси на абдоминалните мускули, се интервенира со физичка терапија, дишење преку дијафрагма и сл. Што се однесува до исхраната се интервенира со тоа што се советуваат да не јадат неколку големи оброци, туку повеќе помали за помала подуеност и со соодветна стручна поддршка да го надминат проблемот со неконтролираното прејадување. Ако причината за подуеност е констипација, тогаш треба да се разгледа од каде потекнува проблемот и да се интервенира со правилна исхраната за поголемо раздвижување на цревата и редовна столица. Текстот е преработка на извадоци од книгата „ The Bloated Belly Whisperer “ од Тamara Duker Freuman (St.Martin's Press, 2018)

Подуеноста не е здебелување
bottom of page