top of page

Ракчиња со киноа

Сфаќам дека колку и да имаме разновидни рецепти на располагање, па дури и да ги имаме дома состојките за повеќето рецепти, пак на крај најчесто ќе се зафатиме да го правиме јадењето на кое сме навикнати и за кое ќе изгубиме најмалку време. Сепак понекогаш сакаме да направиме мала екскурзија и да испробате некој поразличен вкус. Така и ние дома, пред некое време купивме ракчиња со цел да ги гледаме дека ги имаме во замрзнувач, дека ни зафаќаат простор, па да се сетиме и нешто да направиме од нив. Исчистените ракчиња се подготвуваат навистина бргу и лесно ги впиваат вкусовите од зачините што им се додаваат. Може да се зготват додека го подготвувате додатокот што ќе оди со нив, како што е во случајов киноата што ја искомбинрав за овој рецепт. Инаку, околу 80% од калориите во ракчињата доаѓаат од протеини, а само околу 13% од масти, така што претставуваат добра опција ако сметате дека ви се потребни повеќе протеини во исхраната. Ракчиња со киноа Количина: 4-6 порции Време за подготовка на состојките: 5 мин Време за печење на вафлите: 15-20 мин Вкупно време за подготовка: 25 мин Се подготвуваат во едно помало длабоко тенџере и нелеплива тавче за пржење. Целосниот рецепт во PDF форма Состојки: 100 g киноа (по можност претходно откисната) 1 мала лажица маслиново масло 400 mL вода Малку мешан сув зеленчук ½ мала лажица сол 400 g исчистени, замрзнати ракчиња 2 големи лажици маслиново масло 3-4 чешниња лук Прстофат буковец (или црвен пипер) Морска сол и црн пипер 1 лимон ¼ чаша бело вино Магдонос Рузмарин (по желба) Опис: За киноата: Киноата прво се измива со ладна вода. Потоа, убаво процедена се тостира на средна температура на многу малку масло со постојано мешање (околу 2 минути). Се додаваат 400 mL вода измешани со сув зеленчук, и сол и откако ќе зоврие водата, сосема се намалува температурата и се вари киноата поклопена со капак (15 минути). Садот со киноата се трга од топлото и се остава уште 5 минути на страна. На крај се промешува со вилушка. За ракчињата: Додека се вари киноата, во нелеплива тава, на средна температура многу кратко се загрева маслиновото масло и се додаваат чешнињата лук, изрендани. Лукот исто многу кратко се пропржува, колку да ослободи арома. Се додаваат буковецот (или црвениот пипер) и црниот пипер, тавата се трга од оган и се додаваат солта и сок од половина лимон. Се додаваат и ракчињата одмрзнати и тавата се враќа на оган. Ракчињата се динстаат додека малку да поруменат (10-15 минути). Пред крај се додава бело вино и се остава да прокрчка уште 2-3 минути. На крај, ракчињата се тргаат од оган, се полеваат со сокот од преостанатиот лимон и се поросуваат со иситнет магдонос и рузмарин. Се сервираат врз претходно подготвената киноа и врз сето тоа се полева ароматичните сос што е останат во тавата кај што се динстаа ракчињата. Забелешки: Се сервираат со обилна свежа салата.

Ракчиња со киноа
bottom of page