top of page

Тирамису чија пудинг

Чија пудинзите кај мене некако како да станаа тренд (доцнам со трендовите и тоа е тоа). Некако до сега сметав дека не вреди да губам време за чија потопена во некој вид млеко, ама откако убаво ги проучив сфатив дека не е така. Чија пудинзите може да се прилагодат со различни вкусови и да бидат убава ужина или десерт, па дури и нешто како сладолед за освежување во лето. Веќе имам објавено чија пудинг со кокосово млеко , па еве уште една варијанта. Да не заборавиме дека со овој чија пудинг не само што ќе го доловиме и ќе уживаме во тирамису вкусот, туку всушност и на организмот ќе му понудиме куп хранливи материи од соја млекото, грчкиот јогурт, чија семето и останатите состојки. Кај мене дома кога и да го направам веднаш го снемува, ама си повторувам дека за среќа се составува многу бргу, односно не е како останатите десерти на кои ќе им се посвети цел ден, а ќе се изедат во дел од секунда. Тирамису чија пудинг Количина: 2 пудинзи Време за подготовка на состојките: 10 минути Време за составување на пудингот: 10 минути (дополнително 6-8 часови за откиснување) Се подготвува во блендер и во 3 стаклени садови и дополнително уште во два стаклени садови за сервирање Состојки: 1 чаша соино млеко (или друг вид растително или обично млеко) 150 g грчки јогурт 2-3 лажици мед (или друг течен засладувач) 60 g (6 лажици) чија семе 1 лажица какао 1 лажица јако кафе Ванила екстракт Какао за наросување Опис: Соиното млеко, грчкиот јогурт и медот кратко се блендираат Чија семето се меша убаво за да не останат грутки. Смесата се дели во три стаклени садови. Во првиот дел се додава ванила екстракт и се меша. Пред да се додаде какаото во вториот дел, на страна во помал сад какаото се меша со дел од чија пудингот, па потоа се додава во третиот стаклен сад. Ваквата постапка ќе придонесе да не останат грутки од какаото. Во третиот дел се додава лажица јако кафе и се зема малку од вториот дел со какаото (за да се добие бледо кафеава боја) и убаво се промешува. Сите делови се оставаат на ладно да отстојат најмалку 6 часови. Сервирање: I слој: на дното на два стаклени садови прво се распоредува делот со какао. II слој: внимателно врз делот со какао се распоредува делот со какао. III слој: последен се додава делот со ванила екстракт. Одозгора се наросува какао. Забелешки: Врз трите слоеви може да се додаде уште еден слој грчки јогурт за повеќе протеини, па потоа да се пороси какаото. Секој од трите делови направен во поголема доза може да функционира како самостоен чија пудинг што ќе се украси со свежо, сушено или замрзнато овошје.

Тирамису чија пудинг
bottom of page