top of page

Дали лебот здебелува и треба да се избегнува?

Со се поголемата популарност на диетите со низок процент на јаглехидрати и кето исхраната, конзумирањето леб се повеќе се смета за кардинална грешка.


Но дали е толку лошо да се јаде леб? Дали лебот не здебелува?

Краток одговор: НЕ!

Проблемот не е лебот, туку неговиот квалитет.

Лошата репутација на лебот доаѓа од варијантите направени од рафинирани јаглехидрати и избелено брашно. Но вистинскиот леб, направен од целозрнесто пченично, ‘ржано или јачменово брашно, всушност со себе носи нутриенти и диететски влакна кои може да помогнат во постигнувањето на целта за намалување килограми.


Диететски влакна за намалување килограми


Неодамна ја читав книгата Finally Full, Finally Slim на диетичарката Lisa Young, која вели: „Многумина го избегнуваат лебот од страв дека ќе се здебелат, а всушност нема потреба за такво нешто. Лебот од цело зрно содржи диететски влакна, кои не одржуваат сити со часови.“

За лебот богат со диететски влакна потребно е повеќе време за дигестија и токму тоа е причината што подолго време чувствуваме ситост во текот на денот. Воедно со ова негово својство придонесува и да се намали потребата од постојано грицкање/јадење.

Со други зборови, диететските влакна во житарките од кои е направен лебот се битен дел од исхраната за намалување килограми.

Препораките на Американската срцева асоцијација е да се конзумираат од 25 до 30 g диететски влакна дневно. Затоа ако конзумирате леб, гледајте тој да биде исклучиво од интегрални житарки со 4 до 5 g диететски влакна од парче.


Според Johns Hopkins Medicine, исхраната богата со диететски влакна придонесува за здрава дигестија, односно за добро здравје на целиот гастроинтестинален тракт.


Целозрнестиот леб - извор на голем број хранливи материи


Целозрнестиот леб покрај што е богат со диететски влакна, изобилува и со други хранливи материи, како Б витамини, фолат, железо, магнезиум, манган и цинк.

Затоа, место лесен, изберете тежок, збиен леб од цели житарки, а уште подобро, ако е направен од ‘ртени житарки.

Лебот може да биде составен дел на брз оброк - доволно е само да биде придружуван од шарен зеленчук и извори на здрави масти и протеини.


За крај...

Правилото за конзумирање леб е истото како и за секоја друга храна - нема потреба од претерување и прејадување. Не е есенцијален за конзумирање, но нема потреба ни да се исфрла од секојдневната исхрана. За тоа дали ќе се здебелиме или ќе ослабнеме никогаш не може целосно да влијае само една намирница - секогаш најбитна е целокупната исхрана.



Comentários


bottom of page