Сите знаеме дека јаболковиот оцет одлично оди во комбинација со свежа салата или како дел од дресинзи за салати. Но дали нуди и други придобивки освен тоа? Дали е добар за здравјето? Дали е тајниот лек кој лечи се?
Ако се пребара на Google, ќе се дојде до податоци дека јаболковиот оцет се користи како заштита од рак, за чистење кандида (???) и детокс. Ќе наидете и на детокс напитоци со јаболков оцет и смуди со оцет!
Што е јаболковиот оцет?

Јаболковиот оцет се прави од сок од јаболка ферментиран со бактерии и квасци. На некои типови јаболков оцет пишува и дека претставува добар пробиотик.
Оцетната киселина во сите видови оцет се чини е магичната состојка која лечи се и затоа јаболковиот и други видови оцет често се користат во алтернативната медицина.
Но што вели науката за сите овие тврдења?
Тврдења за лековитото дејство на јаболковиот оцет
Го снижува шеќерот во крвта
Tочно!
Во преглед на студии забележано е дека јаболковиот оцет може да ја подобри инсулин сензитивноста и да ја снижи крвната глукоза по оброк. Ваквото својство се припишува на способноста оцетната киселина да блокира дел од скробот содржан во оброкот. Ако се земе со оброк што не содржи скроб, оцетот нема влијание врз шеќерот во крвта.
Има различни начини на употреба, но најчесто се дава препорака некоја минута пред оброк да се испијат 1-2 големи лажици растворен оцет во вода.
Сепак, ако сте дијабетичар, немојте да се базирате на растворениот јаболков оцет. Многу поголеми придобивки ќе имате ако се потрудите да воведете промени во начинот на исхрана.
Помага во намалување на тежината
Ова тврдење е во категоријата „можеби“.

Пиењето оцет се смета дека има минимално влијание врз намалувањето килограми – одвај 200 g неделно – веројатно од подобрената оксидација на масти или поради претходно спомнатата улога во блокирање на скробот.
Ако овој податок не ви звучи доволно убедливо и сепак се обидувате да намалите килограми со јаболков оцет, задолжително пијте го растврен во вода, затоа што чести се случаите на оштетување на хранопроводникот поради киселината што ја содржи.
Ја намалува подуеноста и ја чисти кожата
Не постојат докази за никое од овие тврдења. Оние што чувствуваат олеснување со подуеноста кога пијат оцет веројатно е поради тоа што оцетната киселина ја дразни внатрешната облога на желудникот, па јадат помалку и не се чувствуваат подуени.
Ги чисти забите

Ако се обидувате да си ги миете забите со оцет, всушност ја оштетувате глеѓта на забите. Најдобар метод за чисти заби не е миењето со оцет туку со паста за заби.
Помага во случај на намалена желудочна киселина
Ова е точно! Оцетот е киселина, така што кога не се лачи доволно киселина во желудникот, секој тип на оцет може да помогне со дигестијата. Но ако имате премногу стомачна киселина, оцетот може да ги влоши симптомите како киселински рефлукс.
За подобра дигестија, не мора одделно да се пие лажица оцет – доволно е да се додаде како дресинг во салата.
Спречува кандида
Кандидата вообичаено живее во нашиот организам и обично не предизвикува проблеми. Во случај на инфекција или орална кандидијаза значи дека има пораст на кандида во овие делови и тоа не се лечи со оцет.
Пиењето оцет не помага во никаков случај со кандида. Оцетната киселина до некаде има способност за дезинфекција, но не може да направи дезинфекција на организмот или на зафатените делови. При појава на кандида најдобро е да се консултира лекар.
Исто и ако е потребен пробиотик – подобра солуција се јогурт или суплементи, место јаболков оцет. Пробиотскиот ефект на оцетот не е докажан.
Прави детокс на организмот и создава алкална средина

Ваквото често тврдење нема голема смисла затоа што:
На организмот не му е потребен некој друг за да му прави детокс – таа функција си ја извршуваат црниот дроб и бубрезите.
Ако не применуваме правилна исхрана, не можеме да се засноваме на детокси да го чистат организмост, затоа што организмот така не функционира.
Во јаболковиот оцет нема ништо што би можело да направи детокс, дури и да не функционираат правилно црниот дроб и бубрезите. Во тој случај пиењето оцет дури би било и погубно.
Ништо од тоа што јадеме не влијае врз pH вредноста на крвта.
За крај...
Оцетот знае да ја направи храната повкусна, но не носи со себе некои магични придобивки. Ако ви се потребни повеќе пробиотици, внесувајте пробиотици, а ако имате зголемено создавање на кандида, консултирајте лекар.
Ако лечеше јаболковиот оцед, до сега веројатно сите ќе беа излечени од секоја болест со која се поврзува.
И уште нешто – ако сте се решиле да го конзумирате – оцетот никако немојте да го пиете нерастворен во вода!
Kористени се текстови од:
Comments