Кога се зборува за здрава исхрана, секогаш се спомнува зелениот зеленчук.
Но на интернет денес можеме да прочитаме дека зелениот зеленчук (пр.спанаќот) содржи голема количина на антинутриенти наречени оксалати (оксална киселина), кои ја намалуваат искористливоста на многу минерали и поради тоа не може да се смета за здрава храна!
Која е вистината?

Што се оксалати?
Оксалната киселина е органско соединение што го создаваат живи организми како габи, бактерии, растенија, животни, како и човекот. Оксалатите се создаваат кога оксалната киселина во растенијата се поврзува со минерали, но двата термини (оксалати и оксална киселина) често се користат како синоними.
Човекот оксалатите ги добива од исхраната, но и организмот сам ги создава како отпаден продукт.

Меѓу храната со најмногу оксалати се зелениот зеленчук, сојата, бадемите, компирите, житарките и цвеклото. Поради присутвото на оксалати во ваквата храна, се намалува способноста на организмот да искористи некои минерали од храната.
Но не е секогаш така!
На пример, спанаќот е богат со калциум и оксалати, поради што калциумот од спанаќот потешко се апсорбира во организмот. Сепак, абсорпцијата на калциумот од млекото не се намалува кога се конзумираат заедно млечни производи и спанаќ.
Дали оксалатите претставуваат здравствен проблем?
Оксалатите кога се врзуваат со други минерали во оганизмот формираат калциум оксалати или железо оксалати. Ваквите соединенија се исфрлаат преку урината или столицата.
Сепак, некои лица со високи нивоа на оксалати може да развијат камења во бубрезите - калциум оксалатните камења се најчест тип на камења во бубрег.
Интересно е што најголем дел од оксалатите се всушност оние што природно се создаваат во организмот како отпаден производ, а не директно од храната.

Термичката обработка значајно ја намалува содржината на оксалати во храната. Иако некоја храна може да има остатоци од оксалати и по готвењето, здравствените придобивки од таквата храна го надминува потенцијалното негативно влијание.
Покрај тоа, одреден тип бактерии што живеат во цревата наречени Oxalobacter formignes ги разложуваат оксалатите и ги користат за енергија. Со ова значајно се намалува количината на оксалати што ќе ја апсорбира организмот.
Што е со оние кои се склони на создавање камења во бубрег?
Оние што се склони на создавање камења во бубрег можеби треба да повнимаваат на количината на оксалати што доаѓа до бубрезите. Ова посебно важи за оние кои немаат доволно O. formignes во цревата, бактерија чии колонии се уништуваат со пиење антибиотици.

Лицата со воспалителни цревни заболувања исто се доста склони на создавање камења во бубрег, делумно затоа што не можат да ја регулираат количината на оксалати што ја апсорбираат. Високи нивоа на оксалати се забележуваат и во урината на лица со бајпас операција на желудникот или кај кои се извршени други типови операции што доведуваат до промена на функционирањето на цревата.
Исфрлањето на сета храна со оксалати всушност нема многу да влијае врз веројатноста за формирање калциум оксалатни камења во бубрег, затоа што избегнувањето на оксалатите од храната не е единствениот начин за избегнување на камења во бубрег.
Пиењето доволни количини на вода останува препорака бр.1 затоа што водата може да ја раствори урината и со тоа ќе заштити од насобирање оксалати во бубрезите.
Како да се намалат шансите за создавање калциум оксалатни камења?
Постојат неколку правила кои доколку се почитуваат, би се намалила веројатноста да се создадат камења во бубрег од оксалатите во организмот.
Пијте доволно течности. Со пиење доволно течности се раствора урината и со тоа потешко се натрупуваат хемикалии, односно потешко се фромираат кристали.
Избегнувајте да конзумирате премногу протеини. Исхраната со премногу протеини може да предизвика создавање камен во бубрег.
Конзумирајте помалку сол (натриум). Храна со премногу сол (натриум) може да придонесе да се натрупа калциум во урината, а тоа да доведе до формирање нови камења во бубрезите.
Внесувајте доволно калциум со храната. Калциумот се врзува со оксалатите во желудникот и цревата пред да стигнат до бубрезите. Конзумирањето храна со калциум е добар начин оксалатите да го напуштат организмот и да не формираат камења. Најдобро е калциумот да се снабди преку храната затоа што преголеми дози во концентрирана форма (преку суплементи) исто така можат да доведат до формирање камења.
Избегнувајте големи дози витамин Ц суплементи. Преголеми дози витамин Ц може да доведат до високи нивоа на оксалати во урината.
Некои можеби треба да ја ограничат храната со премногу оксалати. Ова најмногу се однесува на храната со преголеми нивоа на оксалати, како: цвекло, соино млеко, јатки, хељда, таан/сусам, блитва и спанќ кај лицата што имаат голема склоност кон создавање камења во бубрег.
За крај...
Оксалатите се антинутриенти во храната и може да ја попречат абсорпцијата на минерали во организмот. Сепак, најголем дел од оксалатите во организмот се создава како отпаден продукт од метаболички процеси при преработка на храната.
Процентот на оксалати во храната се намалува со термичка обработка и со конзумирање доволно калциум. оксалатите најлесно се исфрлаат ако се конзумираат доволно течности.
Лицата што се склони на создавање камења во бубрег треба да внимаваат на храната со протеини, користењето сол, како и на конзумирањето високи дози Ц витамин и калциум во суплементирана форма.
Comments