top of page

Кафе пред или по појадокот?

Пиењето кафе е личен ритуал за кој сме емотивно поврзани и никој не смее да ни го одземе тоа задоволство. Нормално, се додека не ни наштетува на општото здравје.

Кафе и сонце - понекогаш тоа ни е најпотребно
Кафе и сонце - понекогаш тоа ни е најпотребно

А јако кафе најчесто пиеме за да не рассони по лошо помината ноќ или по кратко, недоволно спиење ноќе. Најнова студија вели дека во овој случај треба да се внимава со конумирањето кафе, затоа што по непроспана ноќ може да наштети врз контролата на нивото на шеќер во крвта.


Во истражување на Центарот за исхрана, вежбање и метаболизам, дел од Универзитетот во Бат (В.Британија), проучувани се ефектите на лошиот сон и утринското кафе преку редица различни метаболички маркери.


Студијата е објавена во Британскиот журнал за исхрана (British Journal of Nutrition) и преку неа научниците укажуваат дека една лошо проспана ноќ има ограничено влијание врз метаболизмот, но пиењето кафе за рассонување може лошо да влијае врз нивото на шеќер во крвта.


Нивото на шеќер во крвта мора да се задржи во рамките на безбедните параметри за да се намали ризикот од дијабет или срцево заболување, но популарната навика за пиење кафе наутро оди спротивно на ваквата тенденција.


Резултати од студијата


Студијата има опфатено доста мал примерок (само 29 испитаници), меѓутоа може да биде зачеток на поголемо истражување. Учесниците биле подложени на различни експерименти:

  • Во првиот, учесниците нормално спиеле ноќе и наутро по будењето пиеле засладен напиток.

  • Во вториот, учесниците имале испрекинато ноќно спиење (биле будени на секој час по 5 минути), а потоа изутрина го пиеле истиот засладен напиток.

  • Во третиот, учесниците исто имале испрекинато спиење (биле будени во текот на ноќта), но овојпат наутро, веднаш по будењето, пиеле јако кафе на 30 минути пред да го конзумираат засладениот напиток.

Во секој од овие експерименти, од учесниците биле земани примероци од крвта по пиењето на глукозниот напиток, кој според калориите го отсликувал она што што обичнo се конузмира за појадок.


Според заклучоците, само од една ноќ испрекинато спиење не се влошил глукозниот/инсулинскиот одговор кај испитаниците по појадокот, споредено со ноќта кога нормално спиеле.

Постари истражувања укажуваа дека намалениот број часови ноќен сон во текот на една или повеќе ноќи, може да има негативни метаболички ефекти, но овие нови заклучоци успокојуваат дека една единствена ноќ со испрекинато спиење (на пр., поради несоница, бучава или поради мало бебе) го нема истиот ефект.


Меѓутоа, ако се испие јако црно кафе пред појадокот, значајно се зголемува глукозниот одговор во крвта по појадокот до 50%. Ова оди во прилог со постари истражувања кои имаат укажано дека кофеинот има потенцијал да предизвика инсулин резистентност. Сега и оваа нова студија укажува дека навиката да се пие кафе веднаш по будење од лошо ноќно спиење можеби ќе го реши проблемот со зашеметена глава, но може да создаде друг проблем, со тоа што ќе ја намали способноста на телото да ги толерира шеќерите содржани во појадокот.


Кој е заклучокот?


Оваа студијаа е битна затоа што до сега ограничени беа сознанијата како влијае пиењето јака доза кафе пред појадокот врз нашиот организам, односно врз метаболизмот и контролата на шеќерот во крвта.


Ако прво нешто со што доаѓа организмот во контакт наутро е кафе, посебно по лошо отспана ноќ, ни се намалува способноста да го контролираме шеќерот во крвта. Кофеинското кафе има стимулички ефекти и има потенцијал да придонесе за покачување на шеќерот во крвта ако се конзумира пред појадокот. Ваквата ситуација може да се подобри, ако прво јадеме, па подоцна да го испиеме кафето ако се уште чувствуваме дека ни е потребно. Само една ваква промена може доста попозитивно да влијае врз здравствената состојба, велат експертите.


Уште многу треба да се исражува во оваа област, но се чини јасно е дека пиењето јако кафе пред конзумирање храна, а по лошо отспана ноќ, може да ја ограничи способноста на организмот да ги толерира шеќерите во појадокот.


Треба да се направат дополнителни испитувања и за подобро да се разбере поврзаноста меѓу спиењето и метаболизмот.


На пример, не е јасно колкаво нарушување на сонот е потребно за да се наруши метаболизмот на една индивидуа. Истражувачите претпоставуваат дека поголемо прекинување на фазата на бавни бранови е метаболички и неврофизиолошки поштетна отколку намалувањето на останатите фази од спиењето.




Искористени се податоци од:

Harry A. Smith, Aaron Hengist, Joel Thomas, Jean-Philippe Walhin, Philippa Heath, Oliver Perkin, Yung-Chih Chen, Javier T. Gonzalez, James A. Betts. Glucose control upon waking is unaffected by hourly sleep fragmentation during the night, but is impaired by morning caffeinated coffee. British Journal of Nutrition, 2020; 1 DOI: 10.1017/S0007114520001865


University of Bath. "Drink coffee after breakfast, not before, for better metabolic control." ScienceDaily. ScienceDaily, 2 October 2020.



Comments


bottom of page