Лубеницата обично е најомилено овошје во лето. Сепак, поради содржината на шеќер, во последно време со популарноста на диетите кои преферираат низок степен на јаглехидрати (low carb диети) често се додава на листата забранета храна, посебно за лица што се соочуваат со инсулин резистентност или дијабет тип 2, а со тоа и со вишок килограми.

Дали е оправдано да ја избегнуваме лубеницата во вакви ситуации?
Лубеницата има прекрасен нутритивен профил, односно богата е со вода (до 92%), диететски влакна и моќни компоненти битни за здравјето. Поради тоа што содржи голем процент на вода има релативно малку калории, а од друга страна богата е со витамин Ц и витамин А, како и калиум и бакар во траги. Лубеницата е и богат извор на амино киселината цитрулин, која во телото се конвертира во аргинин, како и на потентниот антиоксидант ликопен (пигментот што и ја дава бојата).
Составот на лубеницата укажува дека нејзиното конзумирање носи доста здравствени придобивки, како:
намалување на нивоата на висок крвен притисок;
намалување на болката во мускулите;
најбитно, хидратација на организмот;
ликопенот може да помогне во намалување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања (потребни се дополнителни истражувања);
со тоа што е богата и со диететски влакна, може да придонесе за добро дигестивно здравје.
Сепак, дали со сите овие карактеристики лубеницата може да биде погодна за дијабетичари?

Лубеницата содржи природни шеќери и во зависност од целокупната исхрана и количината на конзумирана лубеница, може да влијае на покачување на нивото на шеќер во крвта. Но тоа не значи дека целосно треба да се избегнува!
Што вели науката?
Не постојат истражувања кои диреткно ги поврзуваат конзумирањето лубеница и дијабетот, но постојат некои докази дека лубеницата може да го намали ризикот од одредени компликации поврзани со дијабет, како што се срцево заболување или мозочен удар.
Како делува гликемискиот индекс на лубеницата?
Гликемискиот индекс одредува колку брзо шеќерот од храната навлегува во крвотокот. Секоја храна има вредност од 1 до 100 и овие вредности се одредени според тоа како одредена храна се споредува со одредена референтна храна. Шеќерот или белиот леб обично се користат како референци.
Гликемискиот товар (GL) е комбинација на гликемискиот индекс и реалната содржина на шеќер во вообичаен порција од храната. Се смета дека гликемискиот товар дава пореална вредност како одредена храна влијае врз нивоата на шеќерот во крвта.
Храната со низок или среден гликемиски индекс се смета дека помалку го качува шеќерот во крвта. Во оваа група е секоја храна со гликемиски индекс од 55 или помалку. Гликемиски индекс меѓу 55 и 69 се смета за среден, а се што е над 70 се смета за висок.

Кај гликемискиот товар, вредностите под 10 се ниски, од 10 до 19 е средна вредност, а 19 и над 19 се смета за висока вредност. Луѓето со дијабет обично обрнуваат внимание на овие вредности.
Лубеницата има висок гликемиски индекс со вредност 72, меѓутоа има гликемиски товар 2 на порција од 100 g. Ова кажува дека лубеницата може да се конзумира во ограничени количини, како секое овошје, како дел од избалансирана исхрана.
Што значи ова за дијабетичарите и за оние што сакаат да намалат килограми?
Ако сакате да конзумирате лубеница, најдобро е прво да размислите за целосната своја исхрана. Не конзумирајте одеданаш големи порции и следете како организмот ви реагира по конзумирањето.
Покрај тоа, луѓето со дијабет треба да се обидат лубеницата да ја конзумираат со храна богата со здрави масти, диететски влакна и протеини. Комбинацијата на нутриенти ќе придонесе да подолго чувство на ситост и намалување на ефектот на лубеницата врз нивоата на шеќерот во крвта.
Покрај тоа, лубеницата и покрај тоа што е со сладок вкус, има релативно малку калории, односно придонесува за достигнување оптимална телесна тежина, што е битно за луѓето со дијабет. Околу 150 g лубеница содржат 46 калории, а покрај тоа, поради големата содржина на вода и на диететски влакна, лубеницата придонесува и за подолготрајно чувство на ситост, што е уште еден предуслов за достигнување на посакуваната телесна тежина. Со конзумирање лубеница може да се намали неодоливата желба за слатки - уште еден предуслов за успешно намалување килограми.
Кое друго овошје е погодно за дијабетичари?

Исхраната на дијабетичарите треба да се балансира со овошје што има понизок гликемиски индекс. Најдобро е да се конзумира свежо овошје, затоа што тоа не содржи додадени шеќери. Сушеното овошје и овошните сокови треба да се конзумираат поретко поради калориската густина и концентрацијата на шеќери.
Најпогодни овошки за дијабетичари се: сливи, цитрони, праски, кајсии, круши, јаболка, јагоди, малини и капини.
Сепак, за лицата со дијабет тип 2 најбитна е вкупната исхрана, која треба да биде избалансирана и во која ќе има доволно простор и за свежо овошје.
Comments