top of page

Митови за исхраната во кои треба прекинеме да веруваме

Колку пати пребарувајќи на интерент сте наишле на контрадикторни информации во врска со исхраната?


Се чини, кога некое неосновано тврдење ќе почне да се шири по социјалните мрежи, посебно ако тоа е прифатено од познатите инфлуенсери или поп музички/филмски ѕвезди, станува тренд и тешко е да се сфати дека можеби тоа тврдење нема никаква научна основа.

Под влијание на Youtube, Instagram и доктор Google, денес сите веруваме дека:

  • јаглехидратите ни се непријатели

  • редовно треба да правиме детокси кога се чувствуваме виновни за тоа што сме го изеле

  • треба да си го алкализираме организмот

  • не смееме да мешаме јаглехидати со протеини...

Листата е долга. Но што од ова е вистина, а што не е?



МИТ бр.1: Треба редовно да применуваме детокс диети

Нашиот систем веќе има вградена машина за детокс, а тоа е црниот дроб – храната не ни прави детокс!

Производите како шејкови и сокови за детокс се обична бесмислица.

Најмногу што можете да сторите за „детокс“ е да го оставите организмот да си ја врши својата работа нормално, односно да не се прејадувате, да не пиете алкохол, да не пушите, да не јадете премногу црвено месо, рафинирани житарки, додаден шеќер и сазитени масти.



МИТ бр.2: Треба да се пијат 8 чаши вода дневно

Правилото за 8 чаши постојано се преповторува, но дава лоши насоки.

Кога се даваат препораки се мисли на пиење течности, што значи вклучена е и водата од храната и пијалоците.

Потребите за вода се индивидуални, но главните препораки се да се внесуваат течности, а тоа не значи само како чаши вода, туку и чаеви, чорби, како и хранашто природно содржи вода.



МИТ бр.3: Јаглехидратите (шеќерите) се лоши

Во никој случај! Ние сме сештојади и има повеќе начини како да ги задоволиме нутритивните потреби.


Но треба да се нагласи дека најздравите начини на исхрана низ светот (како што е случајот со Медитеранската исхрана) вклучуваат јаглехидрати во голема мера преку цели житарки, овошје и зеленчук.


Значи, заклучокот е: битен е типот на јаглехидрати. Изберете цели житарки, односно пред се сложени јаглехидрати што се наоѓаат во растенијата.



МИТ бр.4: Шеќерот во овошјето е лош


Овошјето природно доаѓа со диетални влакна кои помагаат да се забави абсорпцијата на природните шеќери.

Упатствата за правилна исхрана укажуваат на ограничена употреба на додадени шеќери, како оние во колачи, торти, засладени пијалоци.

Ваквите препораки не се однесуваат на природно слатката храна, која е извор на битни витамини, минерали и фитонутриенти.



МИТ бр.5: За да се ослабе треба да се избегнуваат јаглехидратите

Поголем проблем се порциите. Не плашете се да јадете храна што содржи јаглехидрати, само немојте да се прејадувате.


Најдобро е да се следи методот MyPlate на Министерството за земјоделие на САД:

  • половина од чинијата нека содржи зеленук и овошје,

  • 1/4 цели житарки и

  • 1/4 извор на посни протеини.


МИТ бр.6: Шеќерот треба да се замени со мед


На прва, изгледа дека замената на шеќерот со мед, јаворов сируп, агаве или нешто слично е поздрава варијанта, но всушност не е така. Можеби ќе дојдеме до некоја мала доза антиоксиданти од медот или јаворовиот сируп, но телото и ваквите и сите други шеќери ги метаболизира на исти начин.



МИТ бр.7: Мрсната храна е лоша


Науката не вели така. Според студија објавена во International Journal of Obesity, нискокалориска исхрана со здрави масти помага за поголемо намалување на килограмите, споредено со слична нискомаслена исхрана.

Мастите го забавуваат варењето на храната, односно придонесуваат подолго време да имаме чувство на ситост – битни фактори за намалување килограми.

МИТ бр.8: Комбинацијата на јаглехидрати и протеини е тешка за желудникот


Ова е мит што се провлекува со години. Идејата е дека храната богата со протеини (пр. jајца) треба да се јаде самостојно, а храната со доминантно јаглехидрати (пр. леб) да се јаде одделно во друг оброк, ама никако заедно.

Ова е мит што нема никава научна основа, затоа што штом храната ќе дојде во желудникот, желудочната киселина почнува да ги разградува сите типови храна.

Всушност, точно е спротивното – мешањето јаглехидрати и протеини во исти оброк или ужина носи широк спектар на нутриенти, се избегнува наглото лачење инсулин, а подогло трае и чувството на ситост.


МИТ бр.9: На вегетаријанците и веганите им требаат повеќе протеини


Нема докази дека мора да се јаде месо за да се преживее. Добро избалансирана растителна исхрана со различни растителни продукти е здрава и соодветна за организмот.

Ваквата исхрана може целосно да ги задоволи дневните потреби за аминокиселини ако се достигнат калориските потреби.

Најбитно е веганите и вегетаријанците во своето мени да внесат добри извори на протеини, како грав, леќа, грашок, наут или тофу.


МИТ бр.10: Сојата е полна со женски хормони


Голема е разликата меѓу естрогенот (хормонот во телото) и фитоестрогенот (многу послаб тип што се наоѓа во сојата). Ако се погледнат студиите, нема значаен ефект врз здравјето ако се конзумира соја. Вистина е спротивна. Конзумирањето соја, соино млеко или тофу всушност може да има заштитнички ефект врз здравјето.


МИТ бр.11: Слаби = здрави


Среќа што во ваквото тврдење веруваат се помалку луѓе. Ние поседуваме многу малку контрола околу големината и формата на телото, а тоа не е предуслов за добро здравје.


Според испитувања, лица со вишок килограми кои се физички активни може да бидат поздрави од слаби луѓе кои не вежбаат.



МИТ бр.12: Диетите на познатите лица секогаш успеваат


Познатите лица и инфлуенсерите најмногу што сакаат е да зборуваат за својот омилен начин на исхрана, но тоа не значи дека мора сите да ги применуваме за да ослабнеме. Најосновно – не ја знаеме целата приказна. Никогаш не можеме да знаеме дали тој што ја промовира диетата го јаде тоа само што јавно го објавува. Дури и да се искрени, не значи дека нивната исхрана исто ќе делува кај сите. На крајот на краиштата, инфлуенсерите и познатите лица не се експерти за исхрана!

コメント


bottom of page