Храна со негативни калории?!?
- Антонио Велковски
- Mar 29, 2021
- 4 min read
Updated: Apr 8, 2021
Понекогаш неверојатно е како некои митови во исхраната се провлекуваат долг период и колку повеќе ги слушаме, толку повеќе почнуваме да веруваме во нив. Посебно се манипулира со правилата за намалување килограми и достигнување на идеалната тежина.

На овој начин, во склоп на диетите за слабеење живее идејата за храната со негативни калории.
Oваа идеја потекнува од верувањето дека:
за одредена храна организмот троши повеќе калории за да ја дигестира (да ја преработи) од калориите што ги содржи самата храна;
ваквата храна го забрзува метаболизмот и
доведува до намалување на телесната тежина со тоа што „ги топи мастите“.
Со други зборови, таквата храна не слабее со самото тоа што ја јадеме.
Најчесто во оваа група се сместува храната што содржи висок процент на вода: целер, морков, брокула, марула, краставица, зелка, лубеница, јаболко...
Дали е возможно вакво нешто и што вели науката на оваа тема? Еве објаснување на неколку тврдења.
Храната со негативни калории содржи помалку калории отколку што му се потребни на организмот да ја дигестира
Термички ефект на храната е научен термин кој се однесува на калориите што организмот ги троши за да ја дигестира (да ја свари) која било храна. Протеините имаат поголем термички ефект (се согоруваат најмногу калории за да се дигестираат) од мастите и јаглехидратите.

Во зависност од тоа што јадеме, секојдневно по 5-15% од вкупните калории во храната што ја јадеме ги трошиме за да ја метаболизираме. Со други зборови, ако јадеме 1500 калории дневно, меѓу 75 и 225 од тие калории организмот ги троши за да ја преработи храната.
Најчесто како пример за храна со негативни калории се зема краставицата. Меѓутоа една краставица со лушпа содржи 8 калории на 50 g. За организмот да ја преработи ќе истроши околу 0.4 калории.
Дури и по претпоставка да се земе дека краставицата го има највисокиот термички ефект на протеините, односно 30% (макар што краставицата не е протеинска храна), пак ќе ни останат 5.6 од нејзините калории. Точно, краставицата има малку калории, но сепак не се трошат целосно при нејзината преработка во организмот за да можеме да да биде со негативни калории.
Храната со негативни калории топи масти и го забрзува метаболизмот

Интересно е што физиолошки е невозможно некоја храна да топи масти. Нема ни научни факти што би ја поддржале ваквата идеја.
Метаболизмот делумно се забрзува откако ќе изедеме некоја храна, затоа што така функционира организмот кога ја дигестира храната. Но храна што ги топи мастите не постои, затоа што пред се мастите не се топат како восок. Малото забрзување на метаболизмот не значи дека магично ги снемува калориите дури и од храната што содржи малку калории.
Храната со негативни калори прави детокс на организмот и ги чисти токсините
Прво, детокс не прави храната, туку црниот дроб и бубрезите.
Второ, што се однесува до чистењето токсини од телото – да, краставицата содржи многу вода и придонесува за хидратација на организмот, како и повеќето зеленчук – меѓутоа не чисти никакви токсини.
За храната со многу диететски влакна потребно е повеќе време да се дигестира, односно го забрзува метаболизмот подолго време
Да, храната со диететски влакна подолго време се обработува во организмот, но не го забрзува метаболизмот.
Конзумирањето ваква храна придонесува за подолготрајно чувство на ситост, што придонесува за намалување килограми. Но нема некој многу голем придонес околу забрзувањето на метаболизмот.
Со џвакање на храната се доаѓа до негативни калории
Постојат мал број тврдења дека со самото џвакање на храната се трошат околу 11 калории на час.
Ако јадеме 5 оброци и за сите ни се потребни по 11 калории да ги преџвакаме, ќе истрошиме вкупно 55 калории – не многу импресивна бројка ако целта ни е намалување килограми.
Со пиење студена вода или јадење лути пиперки се согоруваат калории

Mоже да се каже дека студената вода и лутите пиперки на некој начин се со негативни калории. Меѓутоа и ова е погрешно протолкувано.
Водата нема калории, а кога е многу ладна, организмот троши енергија за да ја загрее до телесната температура.
Но колку калории трошиме за вакво нешто? Околу 5 калории од чаша. За да истрошиме 100 калории треба во еден ден да испиеме 20 чаши (односно 5 литри) многу студена вода.
Лутите пиперки го забрзуваат метаболизмот за 2 калории на час и тоа до 5 часа откако ќе ги изедеме – односно ќе потрошиме 10 калории, онолку колку што содржи една лута пиперка. Дали за 10 потрошени калории треба да додаваме лута пиперка во секој оброк? Ако беше тоа решението, нациите што редовно јадат лута и зачинета храна ќе беа со најидеална телесна тежина.
За крај...
Кои прашања треба да си ги поставиме кога ќе забележиме вакви тврдења?
1. Колкава количина вообиачено јадеме од „храната што слабее“?
2. Дали треба да комбинираме лути пиперки со се што јадеме?
3. Дали можете дневно да испиеме по 5 литри мраз ладна вода?
4. Ако една храна го забрзува метаболизмот, колку го забрзува и во колкав период?
5. Колку калории ќе согориме со јадење на т.н. „храна со негативни калории“?
Кога станува збор за исхраната, секогаш треба да се биде малку скептичен. Ако нешто звучи премногу добро за да биде вистинито, најчесто нема врска со вистината. Тврдењата дека постои храна која ќе придонесе само да јадеме и да седиме, а притоа да намалиме килограми се заблуда, односно се само мит.
Comments