top of page

Желба за благо/солено/мрсно - не се причина само навиките

Updated: Mar 21, 2021

Неодамна кога на Инстаграм поставив прашање која храна најчесто ја сметате за забранета и најмногу ја посакувате, најголем број од одговорите се однесуваа на слатки.

А всушност големата желба за одредена храна, може да нема никаква врска со исхраната, туку со многу други сигнали и околности.


Копнежот, желбата по некаков тип храна ни се случува на сите. А штом ќе се појави, веднаш се прашуваме:

  • Што се случува со мене?

  • Зошто сакам да јадам нешто благо/пржено?

  • Како да ги контролирам ваквите моменти?

Всушност не ни е потребно да ја контролираме желбата за некава храна. Многу побитно е да ја разбереме.

Копнежот по некаква специфична храна е еден од начините на кој нашиот организам ни испраќа пораки, комуницира со нас. Колку повеќе ги разбираме таквите пораки и разбираме од каде доаѓаат, толку подобро ќе ги разбереме и сопствените потреби, односно полесно ќе ни биде со изборот на храна.


Најчести причини за копнеж по некаква специфична храна

Желбата/копнежот по некаква храна може да ни се чини дека се појавил од никаде, без посебна причина, но сепак секој таков порив си има своја оправдана позадина.


Кај секого искуството е различно, но голем дел од причините за копнежот по некаков тип храна може да се објаснат со помош на науката.


1. Недоволно конзумирање одредени хранливи материи

За организмот да функционира ефикасно, мора да му снабдиме доволно енергија преку храната. Потребни ни се доволно протеини, јаглехидрати и здрави масти. Кога ги конзумираме во количина што му е потребна на организмот според нашите лични потреби, се чувствуваме заситено и имаме доволно енергија.

Ако некоја од овие компоненти недостасува во исхраната, многу често како одговор се јавува интензивна желба за некаква храна.

На пример, ако применуваме исхрана во која постојано недостасуваат или има премалку скробни јаглехидрати, најчесто се јавува силна желба за рафинирани шеќери и потентни извори на јаглехидрати. Ова е начинот на кој нашиот организам сака да ни каже дека не конзумираме доволно скробни јаглехидрати.


Најдобро е во секој оброк да имаме комбинација од протеини, здрави масти, скробни и нескробни јаглехидрати и нешто што ќе го засили или подобри вкусот на јадењето (пр.зачини).


2. Чувство на стрес, тага или анксиозност

Ваквите чувства често резултираат со копнеж по храна!


Кога сме под стрес, во организмот се лачи хормонот кортизол кој може да доведе до зголемен апетит, а и голема желба за одреден тип храна.

Јадењето под стрес и емотивното јадење се добро познати феномени и копнежот по некаква храна игра голема улога.

Студии покажуваат дека зголемениот емотивен, па дури и физички стрес може да доведат до желба за храна што е богата со масти и шеќер.


Управувањето со стресот во ваква ситуација најмногу ќе придонесе да се надмине прејадувањето и несаканиот копнеж по одредена храна. Во стресни ситуации можеби најдобро ќе помогне прошетка во природа, вежбање, па дури и медитација, но за секого е различно.


3. Премногу правила во исхраната

Кога одредена храна е забранета, во човековата природа е уште повеќе да ја посакува. Ваквата сензација веројатно ви е добро позната ако некогаш сте решиле дека нешто повеќе нема да го јадете или сте применувале строга диета. Во вакви случаи се создава ментална листа на храна што треба да се избегнува и желбата за таа храна станува се посилна.

Ваквата состојба најчесто се нарекува „менталитет на недостаток“ и доведува до повремено прејадување со забранетата храна и чувство на уште поголем копнеж по таа храна.

Место секојденвно да се ужива одредена доза и да не се создава никаква фама околу таа храна, кај нас се јавува чувство на неизвесност кога пак ќе имаме можност да ја јадеме, затоа што таквата храна е со етикета „забрането“.


Остранување или ограничување на типови храна доведува до екстремно посакување на таа храна, но и нездрав однос кон храната.


4. Дехидратација

Кога сме дехидрирани, организмот прави се што е возможно за да се зголеми внесот на вода. Жедта е прва сензација што води до решавање на овој проблем, а потоа следуван копнежот по одредена храна. Понекогаш е тешко да се направи граница меѓу двете сензации.

Копнежот по храна поради дехидратација се одразува како неслективен глад, односно не посакуваме една одредена храна, туку имаме екстремна желба за каква било храна.

Неселективниот глад често е резултат на вистински глад и на низок шеќер во крвта, но може да биде резултат и на дехидратација.


5. Недоволно спиење

Добриот ноќен сон му овозможува на организмот да закрепне и да добие енергија за следниот ден. Една лошо отспиена ноќ не прави некоја голема промена, но постојан недостаток на сон доведува до хаос во организмот.

Кога не сме доволно наспани, гладот и работата на хормонот за ситост, лептин и на хормонот за глад, грелин се сосема испомешани.

Како резултат, со текот на времето доаѓа до силна желба за храна, постојано чувство на глад, односно зголемен апетит.


6. Стари навики

Дали некои места ве потсетуваат на одредена храна? Голем број внатрешни и надворешни знаци не потсетуваат на навиките што ги имаме во однос на храната.


На пример:

  • Кога отидете во кино, веднаш посакувате да јадете пуканки.

  • Одите кај баба на гости и тоа веднаш ве асоцира на слатки и пити.

  • Доаѓате дома од работа и тоа ве асоцира на јадење/оброк и иако не сте гладни, ви се пријадува.

  • Добивате желба за десерт веднаш по ручекот, затоа што така сте правеле со години.

  • Имате желба за некаква храна во одреден дел од денот, затоа што сте навикнале да ја јадете таа храна во тој термин.

Ваквата желба за храна се појавува како резултат на навика.

Идентификувањето на навиките во исхраната и надворешните сигнали за појава на желба за јадење се првиот чекор за нивно отстранување. Штом ќе сфатите кога се појавуваат, ќе ги пречекате поподготвени .

На пример, ако сте забележале дека кога се враќате од работа добивате огромна желба за јадење, веќе сте го направиле првиот чекор кон успехот. Покрај тоа, ако изедете оброк на работа (пр. некој сендвич или нешто претходно подготвено), односно го контролирате гладот, се намалуваат шансите да добиете огромна желба да се прејадете кога ќе се вратите дома.


За крај...

Ова се некои од најчестите причини за посакување одредена храна.


Најбитно е да се преземе мал чекор со помош на овие неколку информации и да се идентификува ситуацијата поради која доаѓа до копнеж до одредена храна и најчесто прејадување со таа храна.


Со самото идентификување и со барањето начин да се решат тие ситуации, веќе сте на добар пат да ги надминете честите желби за специфична храна.

Comments


Commenting on this post isn't available anymore. Contact the site owner for more info.
bottom of page